Северна Кореја лансираше три нови балистички ракети во саботата наутро по локално време, кои паднаа во морето источно од Корејскиот полуостров, соопштија јужнокорејски воени извори.
Оваа година Северна Кореја веќе изврши голем број пробни лансирања на ракети, што се толкува како притисок од Пјонгјанг за развој на оружје, а се појавија шпекулации дека тоа може да доведе до седма проба на нуклеарно оружје.
Јужнокорејски воени извори соопштија дека три балистички ракети со краток дострел биле истрелани околу 8 часот по локално време од локација јужно од главниот град Пјонгјанг. Сите три проектили летале на височина од околу 100 километри и поминале растојание од околу 350 километри, јави агенцијата „Кјодо“, повикувајќи се на јапонското Министерство за одбрана.
Во понеделникот, пет севернокорејски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Јужна Кореја, што предизвика активирање на јужнокорејски авиони и хеликоптери кои се обидоа да ги соборат натрапниците. Тоа беше прв инцидент од ваков вид од 2017 година.
Со исклучок на лансирањето во саботата, Северна Кореја истрела околу 70 балистички ракети оваа година, вклучително и осум ICBM, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Севернокорејската државна агенција сè уште не известила за лансирањето во сабота, но рече дека државниот лидер Ким Џонг Ун претседавал со партискиот состанок во петокот на кој се одлучува за политиката и стратегијата за следната календарска година.