Семејството на Мартин Лутер Кинг Јуниор го предводи маршот за гласачки права

Од:

Потомци на убиениот активист за граѓански права Мартин Лутер Кинг Јуниор и нивните поддржувачи маршираат во Вашингтон за да ги принудат демократите на Џо Бајден да усвојат закон со кој ќе се заштитат гласачки права.

Како дел од годишната мировна прошетка, семејството на Кинг и повеќе од 100 национални и локални организации за граѓански права планираат да минат преку Меморијалниот мост Фредерик Даглас и да се упатат кон центарот на Вашингтон, пренесува Хина.

Маршот доаѓа по разочарувачката недела за Бајден кој не успеа да ги придобие демократските сенатори во Капитол за да ја смени процедурата со што ќе се овозможеше надгласување на републиканците кои се противат на законот.

На денешниот собир, непосредно пред почетокот на маршот, синот на убиениот активист, Мартин Лутер Кинг Трети, ги пофали демократите што го донесоа законот за инфраструктура минатата година, но побара од нив да го протуркаат и законот за гласачки права.

– Бевте успешни со инфраструктурата, што беше одлична работа, рече Кинг пред стотици луѓе. – Но, треба да ја искористиме истата енергија за да се осигураме дека сите Американци ќе имаат право на глас.

Законот треба да го прошири гласањето по пошта, да го зајакне надзорот над изборите во сојузните држави со историски расна дискриминација и да ги заостри правилата за финансирање на кампањи.

Приврзаниците на демократите велат дека тоа е потребно заради спротивставување на бранот нови ограничувања на избирачкото право во републиканските држави кои, според набљудувачите на изборите, им отежнуваат на малцинствата и на сиромашните да ги предадат своите гласачки ливчиња.

Новите ограничувања стапија во сила по лажните тврдења на поранешниот претседател Доналд Трамп дека неговиот изборен пораз во 2020 година бил резултат на измама.

Извор: МИА