Саудискиот министер за надворешни работи Адел ал Џубеир го повика Иран да прекине со мешањето во внатрешните работи на Ирак, обвинувајќи го дека ги поттикнува верските судири во земјата.
– Доколку Иран сака мир и стабилност во Ирак, треба да престане да се меша во таа земја и да се повлече од неа, изјави вчера Ал Џубеир на заедничката прес-конференција со британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд во градот Џеда.
Сунитското кралство Саудиска Арабија и шиитската Исламска Република Иран се борат за влијание врз Блискиот Исток, особено во Ирак, Сирија и Јемен.
– Присуството на Иран во Ирак во каква и да е форма е неприфатливо, како што е неприфатливо и испраќањето војници од шиитските милиции во Ирак за да играат верска улога во таа земја, изјави саудискиот министер.
Тој го повика Иран да го почитува принципот на добрососедство и да не се меша во работите на земјите од регионот, а на прво место во Ирак.
Иран има воени советници во Ирак и Сирија, кои им помагаат на армиите на двете земји да се борат со вооружените групи, кои и се спротивставуваат на власта.