На 15 и 16 февруари на ранчот Мираж во Калифорнија ќе се одржи средба на американскиот претседател Барак Обама со десетте шефови на држави и влади од југоисточна Азија, поврзани во групацијата АСЕАН.
Ова ќе биде прва ваква средба на претседател на САД со лидерите на Индонезија, Малезија, Сингапур, Брунеи, Филипините, Тајланд, Лаос, Камбоџа, Мјанмар и Виетнам, на која треба да се објават повеќе билатерални и мултилатерални договори за политичка, економска и военна соработка.
Потврдата за одржување на средбата Белата куќа ја соопшти на официјалниот веб-сајт, а сихронизирано американските амбасадори во регионот објавија интервјуа во водечките медиуми на државите од АСЕАН.
Аналитичарите нагласуваат дека средбата во Калифорнија треба да биде доказ дека САД не го загубиле влијанието и стратешките интереси за државите од западниот брег на Пацификот, каде што сериозна конкуренција во политичка и економска смисла им се Кина и се повеќе Русија.
Државите на АСЕАН прогласија почеток на формирањето на економско-политичката заедница АЕК, која на принципите слични на функционирањето на Европската унија ќе биде целосно заокружена во 2025 година. Во овој период на југоистокот на Азија ќе се вложуваат огромни средства во осовременување на сообраќајната инфраструктура и енергетиката. Десетте држави на АСЕАН ќе инвестираат десетици милијарди долари и за осовременување на военото воздухопловство и морнарицата, а посовремена и поевтина понуда на авиони, бродови и подморници нудат Кина и Русија.
На политички план Кина и Русија сега имаат предност, бидејки без разлика на случувањата внатре во државите во регионот Москва и Пекинг имаат став дека не се мешаат во внатрешните работи, а Вашингтон често реагира во име на демократијата. САД почнаа да прават отстапки и на овој план, за што аналитичарите на состојбите во југоисточна Азија го наведуваат потврденото учество на САД во најголемите военни маневри во регионот „Златната кобра“ кои ги организира Тајланд, а САД ја замрзнаа военната соработка со Бангкок по воениот удар во мај 2014 година.