Кристијан Атсу, репрезентативец на Гана и поранешен играч на Порто и Њукасл, беше еден од многуте спортисти за кои се трагаше по двата разорни земјотреси што ги погодија јужна Турција и Сирија.
Тој беше еден од поекспонираните во медиумите поради кариерата во Португалија и Англија. Атсу денес е играч на Хатајспор, клуб од југот на Турција. Ноќта пред земјотресот, Атсу го постигна победничкиот гол за својот тим. Тој го постигна во 97. минута од натпреварот против Касимпаша.
Извесно време по земјотресот не се знаеше многу за состојбата на фудбалерот, но новинарот од Гана, Садик Адамс излезе со некои детали. Тој неколку пати се огласи на Твитер со пораки, па напиша дека ни претстои „долга тортура“ за која верува дека „ќе заврши со добри вести“, а потоа додаде:
„Ми кажаа дека Кристијан Атсу се наоѓа на деветтиот кат од зградата која се урна со уште девет играчи и двајца судии. Тројца играчи и еден судија се спасени. Претставниците на клубот се на лице место и потрагата продолжува. Нашиот брат ќе биде добро. Ако Бог даде. Ајде да веруваме“.
Недолго потоа било потврдено дека е пронајден и дека е жив. Тој има повреда на десната нога и проблеми со дишењето, поради што е пренесен во болница, потврдија англиските и португалските медиуми. Овој репрезентативец на Гана со 65 настапи за таа репрезентација е само еден од низата спортисти кои исчезнаа, а подоцна беа пронајдени и спасени во овој земјотрес.