Повеќе од 125 илјади Ирачани се раселени од Мосул од почетокот на октомври, по стартот на офанзивата на ирачките сили за преземање на овој град, кој е под контрола на џихадистите, соопштија денеска Обединетите нации.
– По интензивните воени операции во градот Мосул на 29 декември стапката на раселување од градот значително е зголемена, додека повеќе од девет илјади луѓе побегнале од градот во период од само четири дена, се наведува во соопштението на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Потврдено е дека 14 илјади од 125.568 луѓе раселени во 11 недели веќе се вратиле во своите домови во ослободените области.
По пазузата во офанзивата покрената на 17 октомври, со цел да се преземе последното урбано упориште на Исламска држава во Ирак, ирачките сили минатата недела покренаа нова воена операција, влегувајќи во жестоки борби со џихадистите во источен Мосул.
Командант од елитната контратерористичка служба, која оствари најголеми успеси на линиите на фронтот во градот, изјави во неделата дека ирачките сили сега контролираат повеќе од 60 отсто од источната половина на Мосул.
Повеќе од 3,3 милиони луѓе се раселени во Ирак, каде за вкупно десет милиони жители е потребна хуманитарна помош, според проценките на ОН.
Официјални претставници тврдат дека би можело да бидат потребни месеци пред ирачките власти да бидат во состојба целосно да го преземат Мосул, втор по големина град во Ирак, во кој живеат стотици илјади цивили.