Повеќе од 70 луѓе се убиени во претходниот период во насилствата во Јужен Судан, соопшти денеска Мисијата на Обединетите нации во земјата.
Мисијата документираше 72 цивилни жртви меѓу 17 февруари и 7 април во округот Лер.
Меѓу жртвите е и локален член на Лекари без граници.
Пријавени се 64 случаи на сексуално насилство, вклучително и групно силување. Напаѓачите се „вооружени младинци“ од соседните области Кох и Мајендит.
– Згрозен сум од овие ужасни напади врз цивили во Лер. Сите ние мора да направиме сè што можеме за да обезбедиме жртвите и преживеаните да ја добијат правдата што ја заслужуваат и да ја добијат грижата и поддршката што им е потребна, рече специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Јужен Судан Николас Хејсом.
Ограбени и изгорени се пазари, куќи, објекти на хуманитарни организации и магацини.
Се проценува дека 40.000 луѓе избегале од насилството, а илјадници, наводно, го преминале Нил за да се засолнат во друга држава.
Мисијата на Обединетите нации соопшти дека во Лер се распоредени дополнителни мировни сили кои вршат редовни патроли.
Насилството во Јужен Судан е зголемено откако прогласи независност од Судан во 2011 година.
Извор: МИА