Ирачките безбедносни сили убиле речиси 800 борци на Исламска држава од почетокот на операцијата за враќање на контролата врз вториот по големина ирачки град Мосул, објави телевизијата „Ал Арабија“.
Во соопштението на командата на ирачката армија се наведува дека „за една недела од операцијата во близина на Мосул се ликвидирани 772 припадници на ИД, а уапсени се дваесетмина борци“.
Истовремено, ирачките сили уништиле 127 оклопни машини на ИД и 27 минофрлачи, а заплениле и големо количество артилериско оружје и муниција.
Ирачките војници го завршија и ненадејниот напад врз Киркук, кој започна во петокот. Во операцијата биле убиени 74 џихадисти, изјави гувернерот на провинцијата Наџмедин Карин.