Патнички авион на Air India што летал од Бирмингем до Делхи морал да скршне од планираната рута и да изврши итно слетување во Ријад поради закана од бомба, потврдија претставници на авиокомпанијата.
Ова соопштение следи по сериозната авионска несреќа што се случи претходно овој месец во Ахмедабад, кога авионот на истата компанија се урна, при што загинаа речиси целиот екипаж и сите патници – само еден патник преживеа.
Летот AI114, управуван од Боинг 787-8 Дримлајнер, полета од Бирмингем на 21 јуни во 20:26 часот, но скршна од курсот за време на летот и беше насочен кон главниот град на Саудиска Арабија, каде што безбедно слета.
Сите патници беа подложени на стандардни безбедносни проверки по слетувањето, а според портпаролот на компанијата, беа почитувани сите пропишани безбедносни протоколи и ситуацијата брзо беше решена без инциденти.
Во авионот не се пронајдени експлозиви, а на патниците им е обезбедено хотелско сместување додека се во тек проверките.
Ер Индија во моментов се соочува со низа проблеми, вклучувајќи откажувања на летови и прекини во воздушниот сообраќај по фаталната несреќа на 12 јуни во Ахмедабад.
Само неколку часа по таа трагедија, друг авион на Ер Индија беше принуден да изврши итно слетување – овој пат во Тајланд – исто така поради закана за бомба.