Обидот да се извлече од морското дно дел од опашката на авионот на „Ер Азија“, кој се урна во Јаванското Море на 28 декември, заврши без успех, соопштија претставници на воената морнарица на Индонезија.
– Подводните струења на ова место се многу силни и нуркачите не успејаа да стигнат до дното, изјави шефот на операцијата, главниот командант на вооружените сили на Индонезија, генерал Мулдоко.
Опашката на авионот, каде веројатно се наоѓаат „црните кутии“, не била оштетена и се наоѓа во статична положба на длабочина од 35 метри. Операцијата за нејзино извлекување ќе биде обновена утре.
Претходно нуркачите извадија од опашката на авионот шишиња со вода и маски за кислород, но се уште не можат да откријат дали се наоѓаат таму и црните кутии.