Државните медиуми од Мјанмар, поранешна Бурма денеска јавија дека претседателот на државата Теин Сеин го потпишал новиот закон со кој, според аналитичарите, уште повеќе се ограничуваат правата на муслиманското малцинство Рохинги.
Ова малцинство деновиве е во центарот на вниманието на светските медиуми и организации за заштита на човековите права, бидејки негови припадници се во центарот на најголемата хуманитарна катастрофа во Југоисточна Азија по завршувањето на Виетнамската војна.
Според новиот закон на локалните власти во провинцијата Ракин, на западот на Мјанмар, каде што живеат околу милион и 300 илјади припадници на племето Рохинги, ќе воведат специфична контрола на раѓањето. Со закон ќе се забрани жените да забременуваат 36 месеци по породувањето.
Припадниците на муслиманското малцинство од племето Рохинги немаат право на државјанство, а официјално тие се нарекуваат „Бенгалци’’.
Според оценки на Обединетите нации тие се меѓу најугнетуваните малцински групи во светот. Покрај големата сиромаштија, припадниците на ова племе се под постојана тортура на мнозинското будистичко население.
Во 2012 година мјанмарската армија крваво го задуши племенскиот бунт, при што загинаа најмалку 200, а беа раселени 140.000 припадници на племето.
Полувоениот режим на Мјанмар до сега не обрнуваше многу внимание на критиките и апелите на меѓународната заедница со кои се бараат почитување на основните човечки права и давање на државјанство на припадиците на ова племе.
Аналитичарите го коментираат и молчењето на лидерот на опозицијата, нобеловката Аунг Сан Су Чи. Позната по острите критики на режимот, Су Чи до сега не кажала ништо јавно за проблемот на племето Рохинги и за актуелната хуманитарна катастрофа на неговите припадници. Молчењето се толкува како страв дека каква и да е поддршка на припадниците на племето Рохинги би предизвикала гнев кај будистите, а тоа за Су Чи може да биде лошо, особено пред парламентарните избори закажани за ноември годинава.