Мјанмар амнестира 46 затвореници, од кои над 20 се политички, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на официјалните медиуми и активисти во оваа земја.
Претседателот Тејн Сејн им дал амнестија на 37 мажи и девет жени, соопшти денеска весникот „Њу лајт оф Мјанмар“. Цел на мерката е да се гарантира стабилноста на државата и националното помирување, и на сите да им дозволи да учествуваат во политичкиот процес.
Над 20 од амнестираните се политички затвореници, прецизира претставник на опозицијата, кој исто така лежел во затвор. Тој, меѓутоа, подвлече дека активистите ќе продолжат да работат за ослободувањето на сите политички затвореници.
Лидерката на продемократската опозиција во Мјанмар Аун Сан Су Чи повика да се пуштат на слобода 330-те политички затвореници, кои и натаму остануваат зад решетки.
Најмалку 659 политички затвореници, од кои многу се познати личности, беа ослободени во Мјанмар во последната година, посочува меѓународната организација за правата на човекот „Хјуман рајтс воч“. Тоа е дел од продемократските реформи, почнати од новата цивилна влада, која стапи на должноста во март 2011 година.