„Владата на Тиса ќе биде влада на секој Унгарец. Седејќи на фотелјата на (првиот унгарски премиер) Лајош Бацањи, како премиер, ќе работам секој ден и секој час од денот за безбедноста и развојот на нашата земја, како и за благосостојбата на унгарскиот народ“, напиша Петер Маѓар на платформата X по изборната победа на неговата партија.
Тој им се заблагодари на сите Унгарци „дома и низ целиот свет“ кои излегоа на гласачките места во неделата.
„Голема чест е што ни овозможивте да формираме влада со најмногу гласови досега и да работиме во следните четири години за слободна, европска, функционална и хумана Унгарија“, рече Петер Маѓар.
Врз основа на 97,35 проценти од обработените гласови на парламентарните избори во Унгарија, според прелиминарните резултати на Националната изборна комисија (НЕК), опозициската партија Тиса освои 138 од 199 места во парламентот, додека партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан освои 55 места.
Според тие резултати, Тиса освои 93 пратенички места преку директен избор на кандидати, додека 45 пратеници беа освоени преку изборната листа на партијата.
