Претставничкиот дом на Јужна Каролина гласаше да биде симнато знамето на Конфедерацијата од територијата на Конгресот на оваа јужна американска сојузна држава.
Тоа е шокантна одлука за држава, што во 1860 година беше прва што го напушти Унијата, и што пред повеќе од 50 години повторно го постави тоа знаме пред парламентот во знак на протест против движењето за граѓански права.
Мерката беше одобрена по жестока 13-часовна дебата и три недели откако во Чарлстон бел маж уби деветмина црнци во локална црква. Напаѓачот објави расистички манифест и фотографија на која позира со знамето на Конфедерацијата.
Конгресот на Јужна Каролина одобри на трето и последно читање со 94 гласа „за“ и 20 гласа „против“ предлог законот за симнување на знамето на Конфедерацијата, што за многу Американци е симбол на ропство и расни конфликти. Сенатот на државата веќе донесе таква одлука.
Со цел да влезе во сила законот треба да биде потпишан од гувернерот на Јужна Каролина Ники Хејли, која го поддржува. Потпишувањето се очекува да се случи денеска.