Кинеската полиција во јужната провинција Јунан разби голема криминална група која се занимавала со трговија со луѓе, јави ТАСС. Во операцијата се спасени 177 млади девојки од Мјанмар.
Уапсени се 37 лица, кои според истрагата киднапирале деца од селските области во Мјанмар, ги префрлувале илегално на територијата на Кина и ги продавале за 50.000-80.000 јуани (осум-13 илјади долари).
Истрагата на групата шверцери со бело робје траела четири месеци. Кинеското Министерство за јавна безбедност ги предало сите материјали за случајот на властите во Мјанмар, за да бидат уапсени шверцерите на луѓе, кои дејствуваат на нејзина територија.
Во Кина како резултат на политиката за ограничување на наталитетот, машкото население преовладува по бројност пред женското. Криминалците киднапираат девојки од соседни земји или со измама ги намамуваат и ги префрлуваат во Кина, каде што ги продаваат.