Келог го отфрли предлогот на рускиот претседател Путин за тридневен прекин на огнот

Од:

Кит Келог, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, го отфрли предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за тридневен прекин на огнот. Келог истакна дека Вашингтон бара долгорочно примирје.

Коментирајќи го напредокот на мировните преговори во последните денови, тој изрази верување дека САД „се во прилично добра позиција кога станува збор за Украинците“.

„А тридневно примирје е апсурдно“, нагласи тој, осврнувајќи се на предложеното примирје од 8 до 10 мај.

Келог додаде дека Трамп се залага за сеопфатен прекин на огнот „на море, во воздух и на копно“ што ќе трае најмалку 30 дена.

„И потоа можеме да го продолжиме“, изјави тој.

„Кога ќе погледнете на сè околу што Украинците се подготвени да соработуваат, сега е до Русите, до Путин. Имаме една страна, ни треба друга страна. И мислам дека сме блиску“, продолжи тој.

Да потсетиме дека Путин најави уште едно примирје кое ќе започне на полноќ на 8 мај и ќе трае до полноќ на 11 мај. Италијанската премиерка Џорџија Мелони изјави дека тридневното примирје објавено од Кремљ не е доволно, туку дека е потребен праведен и траен мир.

Британската одбранбена разузнавачка агенција верува дека тридневниот прекин на огнот што го објави Путин на Денот на победата има за цел да ја прикаже Русија како отворена за преговори и да ги ограничи украинските напади со долг дострел.

Би можело да ве интересира

Русија негира дека Келог бил исфрлен од преговорите на нивно барање

Келог: Не можам да гарантирам продолжување на помошта за Украина, ќе одлучи Трамп