Калас: Во интерес на ЕУ е Западен Балкан да биде со нас

Од:

„Западниот Балкан е многу блиско соседство на ЕУ и всушност ако ја погледнете мапата тие се во Европа, но едноставно не се во Европската Унија“, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР).

„Па затоа во наш интерес да се намалат тензиите. Во наш интерес е тие да бидат со нас и затоа сум подготвена да вложам време во тоа“, истакна Калас.

Таа нагласи дека од една земја кандидат за членство на ЕУ се очекува да ги почитува принципите на добро владеење, владеење на правото и борбата против корупцијата, како и на правото на собирање и протести.

Луѓето имаат право на мирен протест. Мислам дека е многу важно овие протести да не бидат на никаков начин насилно задушени, наведе Калас говорејќи за протестите во Србија.

Според неа, српските граѓани имаат право мирно да протестираат за правда и останува на српскиот народ да одлучи за иднината на Србија.

Во врска со дијалогот Белград-Приштина, Калас потенцира дека е јасно оти нормализацијата на односите им потребна и на „двете земји“.

„Може тие мислат дека можат да тргнат по европскиот пат без нормализирање на нивните односи, но јас не гледам дека е тоа можно“, изјави Калас.

Високата претставничка нагласи оти „слуша и критики“ за сегашниот формат на дијалогот меѓу Белград и Приштина, па е подготвена да види што може да се направи и околу тоа.

Говорејќи за односите ЕУ-САД, Калас во интервјуто потенцира дека за Унијата е важно Вашингтон да остане нејзин најблизок сојузник, затоа што, како што нагласи, јасно е дека заедно сме посилни.

Во врска со Украина и најавите на САД за планови за ставање крај на конфликтот, Калас потенцира дека ЕУ внимателно ги слуша изјавите што доаѓаат од Вашингтон, но дека не реагира секогаш на нив.

„Украина е суверена земја со свој територијален интегритет, а меѓународното право вели дека тој секогаш треба да се штити. Значи, ова е јасно“, додаде Калас.

Таа нагласи дека САД прашуваат кои се ставовите на ЕУ во однос на Украина, како таа гледа на исходот од конфликтот, но и за можните замки што ги поставува Русија, која, според Калас, во моментов не сака мир.

Она што е важно и што јас исто така го нагласив, е дека Европа мора да биде слушната за каков и да е договор… Значи не можете да го постигнете договор, без Европејците или Украинците, потенцира Калас.

Кога станува збор за настаните на Блискиот Исток, Калас потсети дека Европска Унија поддржува мировното решение според моделот за две држави – Израел и Палестина.

Израелците се загрижени за нивната безбедност, но без почитување на правата на Палестинците, нема да има никаква безбедност за Израел, истакна високата претставничка на ЕУ, додавајќи дека сега кога е воспоставен прекин на огнот, треба да се работи на постигнување одржлив мир.

Таа потенцира дека ЕУ, но и сите актери во регионот на Блискиот Исток ја отфрлаат идејата за Газа што ја најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Газа ќе биде дел и од идната палестинска држава. Она што е јасно е дека луѓето не можат да се преселат насилно и секое одземање на нивното земјиште би било илегално. Тоа се нашите позиции, додаде Калас.

Од тој аспект, според неа, главно прашање е идното управувањето со Газа, бидејќи Појасот никогаш повеќе „не смее да стане засолниште за терористите“.

Би можело да ве интересира

ЕУ: Попуштањето на Русија и пред преговори не е добра тактика

Калас: ЕК ги постави правните основи за формирање на Трибунал за војната во Украина

Калас: Кина ќе се смее на трговската војна меѓу САД и ЕУ

Калас: ЕУ не преговара за Гренланд, секако дека ја поддржува својата членка Данска

Калас: Русија претставува егзистенцијална закана за безбедноста на ЕУ

Калас: Западен Балкан е исклучително важен регион за ЕУ

Горан Наумовски