Ja хакираше GTA 6 и објави снимки од играта во 2022 година – осуден е на седум години затвор

Од:

Арион Куртај (21), хакер кој во 2022 година упадна во системите на „Rockstar Games“ и објави 90 видеа од играта „Grand Theft Auto VI“, е осуден на седум години затвор.

Куртај ја призна одговорноста за серија кибернапади од голем обем, извршени во периодот помеѓу август 2021 и септември 2022 година, додека сè уште бил малолетен. Како член на хакерската група „Lapsus$“, покрај „Rockstar“, тој извршил напади и врз компаниите „BT/EE“, „Revolut“ и „Uber“.

При изрекувањето на пресудата, судијата Тарнер изјави: „Очигледно си многу талентиран млад човек. Не го троши тој талент така што остатокот од животот ќе го поминеш во затвор“.

Во декември 2023 година, судот нареди Куртај, на кого му е дијагностициран аутизам, да биде хоспитализиран на неодредено време. Психијатрите тогаш проценија дека тој не е способен да го следи судењето или да се изјасни за виновен. Нова проценка од 2025 година утврди дека тој сепак е способен за учество во судска постапка.

Во периодот помеѓу август и ноември 2021 година, тој ги хакираше интернет-провајдерот „BT“ и мобилниот оператор „EE“. Неговите напади доведоа до пораст на неовластени замени на SIM-картички, што им овозможи на криминалците да преземат контрола врз повиците и пораките на жртвите, како и да пристапат до нивните банкарски сметки и профили на социјалните мрежи.

Откако беше обвинет, Куртај, од безбедносни причини, беше сместен во хотел, каде што продолжи со хакирањето. Притоа користел мобилен телефон, хотелски телевизор поврзан на интернет и уред „Amazon Firestick“.

Тој, исто така, успеа да навлезе во системите на финтек-компанијата „Revolut“ и да ги компромитира податоците на илјадници корисници. При нападот врз „Uber“, тој украде чувствителни информации, избриша бази на податоци и сметки од внатрешните системи, а на вработените им испрати и несоодветна фотографија.

Тој напад предизвика штета во износ од над 2,8 милиони долари.

Во системот на „Rockstar Games“ упадна со намера да изврши уцена. Тој го украде кодот и снимките од тогаш сè уште необјавената игра Grand Theft Auto VI. Дел од снимките објави на интернет-форуми под прекарот TeaPotUberHacker и се закани дека ќе го објави изворниот код доколку Rockstar не стапи во контакт со него.

Би можело да ве интересира

„Кралот“ на Dark Web осуден на 30 години затвор

Руски хакер уапсен на Тајланд, еден од најбараните на листата на ФБИ

А1он

Руски хакери украдоа 4 терабајти тајни британски воени документи