Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГK) денес предупреди дека „ниту едно пристаниште во Заливот и Оманското Море нема да биде безбедно“ откако САД воведоа блокада на целиот сообраќај што влегува и излегува од иранските пристаништа во Ормутскиот теснец, објави Анадолу.
Безбедноста на пристаништата во Заливот и Оманското Море „е или за секого или за никого“, според соопштението за медиумите на ИРГК, кое го емитуваше државниот радиодифузер ИРИБ.
Иранските вооружени сили „сметаат дека одбраната на законските права на земјата е природна и легитимна должност, и затоа остварувањето на суверенитетот над иранските територијални води е природно право на иранската нација“, се вели во соопштението.
„На бродовите поврзани со непријателот ќе им биде забрането да минуваат низ Ормутскиот теснец, додека другите бродови ќе можат да минуваат во согласност со правилата утврдени од Техеран“ велат од ИРГК.
Наведувајќи „континуирани непријателски закани“, ИРГК изјави дека Иран „доследно ќе спроведува траен механизам за контрола на Ормутскиот теснец“ дури и по војната.
„Ограничувањата наметнати од криминалните Соединети Американски Држави врз поморскиот сообраќај во меѓународните води се нелегални и претставуваат пиратство“, додаде ИРГК.
Вашингтон објави дека блокадата на иранските пристаништа ќе стапи на сила денес во 16:00 часот по средноевропско време.
Овој потег на САД дојде откако двете страни одржаа ретки директни разговори во пакистанскиот главен град Исламабад во саботата за да го прекинат конфликтот, кој започна на 28 февруари по заедничката американско-израелска офанзива врз Техеран.
