Ирачките антитерористички единици ја зазедоа денеска зградата на државната телевизија во Мосул, што претставува досега најважен објект кој го презеле од почетокот на офанзивата против џихадистите од ИД во тој град, изјави командатот на елитната единица.
– Претходно денеска, ирачките специјални сили влегоа во периферијата на Мосул и напредуваат кон центарот, и покрај силниот отпор на ИД која ја има контролата над градот, изјави ирачки генерал.
– Војниците влегоа во квартот Гоџали и се наоѓаат на само 800 метри од квартот Карама кој е во самиот центар, истакна генералот на ирачките специјални сили Сами Ал Ариди.
Како што наведе тој, специјалните сили влегле во градот, а ИД одговора со оган и се обидува да го спречи нивното напредување.
На патиштата кои водат до градот се поставени бомби.
Ова е првпат ирачките војници да влезат во Мосул, откако екстремистите на ИД го презедоа градот во 2014 година.
Мосул е последното големо упориште на ИД во Ирак. Тоа е градот од кој прогласија „калифат“ до Сирија и неговото губење ќе претставува голем пораз за џихадистите.