Бројот на загинати во украинското гранатирање на Белгород во Русија се искачи на седум, а бројот на повредени на 19, изјави шефот на регионот Вјачеслав Гладков.
Гладков на Телеграм напиша дека според последните податоци загинале седум лица, меѓу кои и едногодишно девојче.
Тој изјави дека 10 повредени се во болниците во Белгород и дека двајца се на интензивна нега во тешка состојба, додека осум повредени се во средно тешка состојба.
Гладков рече дека двајца ранети возрасни и две деца се пренесени во болниците во Москва, а пет лица се испратени дома по укажаната медицинска помош.
– Во гранатирањето беа оштетени и 57 автомобили, рече Гладков.
Украинските вооружени сили вчера попладне го гранатираа Белгород, а трговскиот центар беше тешко оштетен.
Искршено е стакло во блиското училиште, а оштетена е и инфраструктурата на стадионот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека системи за противвоздушна одбрана синоќа пресретнале и уништиле пет украински беспилотни летала над регионот Белгород и Црното Море.
Белгород се наоѓа на западот на Русија, во близина на границата со Украина.