Десетици неофашисти денеска кренаа раце имитирајќи го фашистичкиот поздрав и извикувајќи фашистички пароли за време на церемониите што се одржаа во Италија по повод 79-годишнината од егзекуцијата на поранешниот диктатор Бенито Мусолини.
Поддржувачите на неофашизмот, облечени во црни униформи, маршираа низ градовите во северна Италија, каде Мусолини беше уапсен и егзекутиран на крајот на Втората светска војна, како и во родниот град на Мусолини, Предапио, пренесува АП.
Неофашистите во градот Донго на брегот на езерото Комо, каде што партизаните го пронајдоа Мусолини на 27 април 1945 година додека се обидуваше да избега со својата љубовница Клара Петачи, положија 15 рози во езерото во спомен на министрите и функционерите на администрацијата на Мусолини кои беа егзекутирани таму.