Бразил стана втората држава во светот по бројот на смртни случаи од коронавирусот. Земјата ја надмина бројката од 500.000 мртви и со тоа е веднаш за САД каде има 602.000 починати.
Последната бројка што ја објави бразилското Министерство за здравство е 500.800 смртни случаи. Во земјата има речиси 18 милиони заразени, а на дневно ниво бројката се зголемува во просек за 80 илјади случаи.
Се стравува дека бројките може и да пораснат со оглед на бавната имунизација и на доѓањето на зимата.
Околу 30 проценти Бразилци досега примиле прва доза вакцина, додека 11 проценти од населението е комплетно имунизирано.
Во земјата се одржаа масовни протести на кои илјадици луѓе излегоа на улиците поради огромното незадоволство од тоа како претседателот Жаир Болсонаро и владата се справуваат со кризата. Луѓето им забележуваат на претседателот и на владата за лошото справување со ковид кризата и особено за пропуштените шанси за набавка на вакцини.
Протести имаше во 44 града во земјата. Демонстрантите велат дека пола милион мртви е своевиден геноцид над населението и бараат претседателот да си замине од функцијата.