Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан „не ја претставува“ Европската унија за време на денешната посета на Грузија.
„Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската унија. Ротирачкиот претседател на Унијата нема овластување во надворешната политика“, изјави Борел за шпанското јавно радио RNE.
Портпаролката на Европската комисија, Набила Масрали, на прес-конференција во Брисел изјави дека посетата на Орбан на Грузија се одвива само во контекст на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија, пренесува Анса.