Случаен минувач во Болоња се најде во необична ситуација кога успеа да го спаси животот на 18-месечно бебе кое се лизна од рацете на мајка си и падна од 4 кат во станбена зграда.
„Сите возрасни треба да посетуваат курсеви за прва помош, бидејќи тоа може да му се случи на секого“, апелираше минувачот Франческо ди Лука, кој се најде на улица во моментот на трагедијата минатиот четврток и успешно го реанимираше детето.
Франческо поминал курс за прва помош во текот на летото, па знаењето му било свежо и успеа да се сети како да му помогне на бебето.
Инаку, момчето моментно е хоспитализирано во болницата „Маџоре“ во Болоња, каде е на интензивна нега.
Франческо, кој е професор по историја на уметност, ги повикува сите луѓе да посетуваат курсеви за прва помош за да можат да спасат човечки животи.
„Видов дека нешто падна од височина. Слушнав удар, а подоцна сфатив дека се работи за дете”, се присети јунакот на страшните минути во кои му се чинело дека пред неговите очи се случи трагедија.
„Реагирав инстинктивно. Очите му беа ширум отворени, не дишеше, немаше пулс“, објаснува Франческо.
„Му пријдов и се сетив на сè од практичниот курс што го посетував. Почнав со масажа на срцето. По некое време малиот почна да кашла, ги мрдаше очите, раката и ногата”, вели Франческо.
Според реконструкцијата, тој ден мајката го држела детето и гледала низ прозорецот.
Жената која е бремена наеднаш се онесвестила, а бебето и се лизна од раце и падна на тротоарот пред зградата.