Неодамна соборениот сириски лидер Башар ал Асад ја даде својата прва изјава по падот на неговиот режим и неговото бегство во Русија.
Во објава на социјалните мрежи, тој тврди дека планирал да продолжи да се бори со бунтовничките сили пред Русија да го евакуира. Тоа го објави на својот канал Телеграм.
Во гореспоменатото соопштение се наведува дека тој побегнал од Дамаск во Русија на 8 декември, ден по падот на градот и се додава:
– Во ниту еден момент од последните настани не помислив да се повлечам од власт или да бегам. Единствениот начин на дејствување беше борбата против терористите, напиша тој.
Ал Асад тврди дека бил во Дамаск и ги извршувал своите должности додека бунтовничките сили не влегле во градот и дури тогаш, пишува тој, бил префрлен во руската база во Латакија во координација со руските сили.
Но, бидејќи неговата војска изгубила територија од бунтовниците, воздушната база каде што бил стациониран брзо била под напад со беспилотни летала, рече тој.
– Москва побара командата на базата да организира евакуација во Русија без одлагање, додаде Ал Асад.
Тој во соопштението наведе и дека наскоро ќе даде „детален извештај за случувањата“ кога ќе има време за тоа.
Според него, Сирија сега е „во рацете на терористите“.
На крајот напиша дека се надева дека еден ден Сирија повторно ќе биде слободна и независна.
Ал Асад го напушти сирискиот главен град по брзата офанзива на антирежимските сили низ Сирија, која стави крај на неговото 24-годишно владеење.