Скрининг на антитела за коронавирусот кај населението ќе се прави кон средината или крајот на летото

Од:

Скрининг на антитела е планиран во нашата стратегија, но не сега, туку некаде на средина или крај на летото, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека тестовите ќе бидат со соодветни анализи и валидирани од комисијата за заразни болести.

– Планирано е да правиме скрининг по возрасни групи. Тоа е планот да го направиме веднаш по попуштање на мерките или некаде на лето, со цел да го процениме имунитетот на возрасните над 65 години, понатаму на децата во школска возраст и на работоспособното население“, изјави Филипче.

Тоа, според него, ќе биде еден еден од показателите за димензионирање на мерките, тогаш кога евентуално би сметале дека може да се случи повторен пик на болеста.

„Дали тоа ќе биде на есен или не, ќе ја пратиме епидемиолошката криза и врз основа на тоа ќе дадеме мислење и за тоа како можеби ќе треба да се организира наставата во училиштата. Доколку се процени дека нема имунитет на возрасното население над 65 години, може да кажеме дека рестриктивните мерки за нив ќе важат цело време до крајот на годината“, изјави Филипче.

Тој рече дека засега многу е мал бројот на пациенти кои би имале развиено антитела и тие не можат да биде показател за тоа како ќе се креираат политиките во иднина.