Прво отворено шаховско првенство на Крива Паланка

Од:

Петнаесет шахисти од Крива Паланка на возраст од девет до 70 години беа дел од Првото отворено поединечно шаховско првенство на градот што се одржа во просториите на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“.

Организатор на првенството е Шаховски клуб „Крива Паланка“, а учесниците одиграа седум натпреварувачки круга.

-Ова е прво отворено првенство во шах во нашиот град, учесниците беа без какви било ограничувања, се играа седум кола, а најдобар по одигрување на истите беше Даниел Ангеловски, втор Драге Петровски и трет Богдан Николов. Одзивот на љубители на шахот е задоволителен, со оглед на тоа што клубот е формиран минатат година и за едногодишно постоење броиме околу триесет активни членови, кои пред ова првенство учествуваа на повеќе турнири, изјави Драги Петровски, претседател на ШК „Крива Паланка“.

На првенството беа доделени и признанија за најуспешен млад шахист, деветгодишниот Теодор Смиљков и најуспешен шахист над 65 години, Данчо Стефановски.

-Ова е начин да се промовира и обнови љубовта кон шахот. Екипа од клубот учествуваше на квалификацискиот турнир за влез во прва македонска шаховска лига, но заврши третопласирана, така што планираме повеќе учества на натпревари и турнири за темпирање на формата за следната натпреварувачка сезона, додаде Петровски.