Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера отпатува за Германија на лекарски прегледи, соопштија палестинските власти.
Абас (85) во последните денови учествуваше на јавни настани и немаше индиции дека е болен. Првата доза на вакцина против коронавирусот ја прими минатиот месец.
Палестинскиот лидер веќе подолго време има нарушено здравје и во 2018 година беше примен во болница поради пневмонија. Истата година, тој беше примен во американска болница поради здравствени проблеми за време на патувањето кон Њујорк за да се обрати пред Советот за безбедност на ОН.
Абас со јордански хеликоптер бил пренесен од претседателскиот комплекс ал-Муката’а во Рамала до Аман, главниот град на Јордан.
По пристигнувањето, кратко зборуваше за најновите случувања што ја потресоа јорданската политичка сцена и ја повтори поддршката за кралот Абдула Втори.
Заминувањето на Абас за Германија се случува на помалку од два месеци пред првите палестински избори во последните 15 години. Парламентарните избори се закажани за 22 мај, а претседателските за 31 јули.
Абас, кој беше избран за претседател на палестинската управа на последните избори во 2005 година по смртта на Јасер Арафат, сè уште не соопштил дали повторно ќе се кандидира.