Сериозно разочаран од неговиот тим, Маверик Вињалес изјави дека повеќе нема мотивација или очекувања за напредок од Јамаха во 2018 година. Јапонскиот конструктор имаше два приватни МотоГП теста на пистите „Мизано“ и „Арагон“ во последниве недели, но, сепак, не постигна успех кога станува збор за трки.
Во неделата, пилотите на Јамаха, Валентино Роси и Вињалес завршија на осмо и десетто место, со што тимот запиша рекордна серија без победа во МотоГП.
– Веќе не знам на што целиме. Чувството со мотоциклот е ужасно. Сега ни претстои азиската турнеја и само се надевам дека таа ќе помине брзо. Немам мотивација ниту очекувања. Работев напорно овој викенд. На истата патека запишав 100 обиколки за време на тестот, а се чини дека тимот оди наназад. Тоа беше една од најлошите трки кои сум ги имал некогаш. Дури не можам да го конкретизирам проблемот, бидејќи секоја област работеше лошо. Го споредував мотоциклот со приватни машини и дури тие работеа подобро, рече Вињалес.
Тој започна 14-ти, падна до 19-тата позиција во почетокот на трката на „Арагон“, но успеа да напредне до десеттото место и остана на 22.4 секунди зад победникот Маркез.