Најдобриот македонски автомобилст Игор Стефановски – Иџе викендов го очекува нов настап во рамките на Европското првенство на ридски патеки група „Н“. По триумфот во Франција на претходната трка Стефановски утре и задутре ќе вози на патеката во австриски Рехберг. Оваа патека нашиот автомобилст ја познава од лани кога во второто возење имаше најдобро време.
– Рехберг ми е многу важна патека во календарот. Сите следни патеки до последната трка во Бузет ќе ми бидат нови и ќе морам да ги учам на саботните тренинзи. Рехберг ја знам од лани и ќе бидам во предност во тој дел.
Затоа и се надевам на добар резултат. Сепак, во овој спорт секоја минимална грешка скапо чини, изјави Стефановски пред заминувањето за Австрија.
На првата трка во шампионатот одржана во Франција, Стефановски победи, но за очекување е во Рехберг конкуренцијата да биде поголема и веќе има пријавено 19 возачи, а за сите возачи проблем може да биде најавениот дожд за време на натпреварите.