На 24 и 25 февруари во Скопје ќе се одржи Државно првенство во уметничко лизгање „Skopje on Ice“ прво во историјата на Македонија. Натпреварот има национален, но и меѓународен карактер и на него ќе учествуваат спортисти во повеќе категории, односно во меѓународно признаените категории: Младинци/ки, Јуниорки, Сениорки, како и во категориите за помлади натпреварувачи Кадети Ц и Б, и во интерпретативни категории согласно возраста на натпреварувачите.
На натпреварот, покрај домашните, ќе учествуваат натпреварувачи и од Република Србија, Република Словенија, Република Грција и Кралство Шведска. Ќе има над 60 натпреварувачи, од кои половината домашни, а останатите од странство. На натпреварот ќе има меѓународно признати судии од неколку држави во Европа.
– Значајно ни е тоа што со овој натпревар го докажуваме нашето постоење како вистински професионален спорт во Македонија, вели Ксенија Јастшењски-Симиќ, тренер по уметничко лизгање во СЦ „Борис Трајковски-ВИП АРЕНА, во интервју за МИА.
Додава дека уметничкото лизгање и покрај тоа што е еден од најстарите спортови во светот, сепак е најмлад спорт во Република Македонија.
– Ние веќе шеста година активно работиме во школата за уметничко лизгање при СЦ „Борис Трајковски“. Првите две години трениравме на пластични панели, а потоа на вистински мраз. И покрај тоа што сезоната на мраз кај нас е многу кратка (4 до 4 и пол месеци) сепак успеваме да фатиме чекор со нашите врсници од регионот и пошироко во Европа. Нашите 20-тина натпреварувачи достојно ја претставуваат Македонија на меѓународните натпревари на кои учествуваме и постигнуваат се подобар и подобар пласман. На меѓународно и регионално ниво веќе сме препознаени како квалитетна конкуренција, вели Јастшењски-Симиќ.
Потенцира дека Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ сиве овие години многу вложуваат и се залагаат за развој на овој спорт и негова промоција, од што веќе се гледаат резултатите, а, како што вели, се очекуваме и стремиме кон уште повисоки.
– Наша наредна најголема цел е да добиеме затворено лизгалиште и продолжување на сезоната за да можеме активно да го развиваме спортот и да продолжиме со вакви и уште подобри резултати. Ова е еден од основните предуслови за понатамошен развој на спортот. Имајќи ги предвид достигнувањата на нашите спортисти со овие услови што ги имаме, очекувам дека кога ќе имаме вистинско, затворено лизгалиште напредокот ќе биде многу поголем, а успехот – неизбежен, истакнува тренерката.
Во Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија има регистрирано околу 30 натпреварувачи, а во школата за лизгање при СЦ „Борис Трајковски„ тренираат 60-тина деца и возрасни од 5 до 40 години.
Тренинзите на натпреварувачите, вели таа, се прилично напорни, особено затоа што сезоната на мраз кај нас е прилично кратка, имаат пет пати во неделата тренинзи на мраз, од кои три дена по два тренинга дневно, еден во 6 часот наутро и еден попладне, петпати тренинзи во сала и два пати неделно балет или отприлика околу 12 часа тренинг неделно.
Тие досега учествувале на 15-тина меѓународни натпревари и имаат освоено отприлика исто толку медали во различни категории и возрасти.
Очекува уште поголем успех на натпреварувачите во иднина и пласман на некое од големите европски и светски напреварување. За тоа, вели, неопходно е Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија да стане членка во Меѓународната лизгачка федерација, на што веќе интензивно се работи, условите за членство се исполнети, а апликација е веќе пратена. Очекуваме, рече, оваа година да бидеме примени како рамноправна членка.