Прилеп беше домаќин на дисциплината автослалом трка која за првпат се бодува за македонскиот шампионат.
На булеварот „Гоце Делчев“, поточно на потегот од Центарот за култура „Марко Цепенков“ до хотелот „Липа“, со препреки и со мерење на најуспешното поминато време, 27 натпреварувачи од Македонија ги покажаа вештините во авто-слалом трките, познати во светот, но за првпат во Македонија кои се бодуваат за државен шампионат.
Според Мојсие Милосавлевски, претседател на на „Авто-мото клубот „Скопје“, организатор на натпреварот, по седум години оваа дисциплина се враќа во македонскиот автомобилизам.
– Се актривираме сите заедно да го вратиме автомобилизмот во Македонија. Дисциплината слалом е нова во македонскиот автомобилизам и за првпат годинава се бодува за државното првенство. Во суштина се три натпревравувања: натпреварот во Струмица помина, сега е во Прилеп и на 25 ноември е во Скопје. Од трите натпреварувања најдобрите ќе бидат на државното првенство на Македонија. Така Македонија за прв пат ќе го добие државниот првак во авто-слалом. Прилеп го избравме, бидејќи долги години за 11 октомври токму тука се одржуваше спретното возење автомобили. За денешниот натпревар има пријавено 27 натпреварувачи во четири категории од кои две категории се за спортски возила и градски возила во стандардна конкуренција, објаснува Милосавлевски.
Авто-слаломот е светска дисциплина, меѓународно призната од Светската федерација, Се вози на рамни површини, конфигурацијата на патеката ја прави организаторот. Се вози низ препреки, на кратки растојанија. Се мери времето и најдобрите се победници. На трката беа најискусните и најстарите, оние што првпат се натпреваруваат и дамите кои се натпреваруваат во, условно, овој машки спорт.
– Две години професионално се натпреварувам. Дојден сум во Прилеп за натпреварот. Не може со зборови да се објасни чувството за натпреварувањето. Ова е одличен начин да се потроши адреналинот, да биде организирано натпреварувањето, да не се злоупотребуваат улиците, минувачите и да не се загрозува безбедноста на пешаците и останатите возила во сообраќајот. Сум се натпреварувал во ридско-брзински трки на двапати во Косово, како и во македонскиот шампионат заедно со кружните натпреварувања, вели Бојан Тодоровски, натпреварувач од авто клубот „Кастиг кар“ од Скопје.
Христаки Давитковски од Скопје е еден од најстарите и најискусен авто возач во македонските натпреварувања истакна дека ова е убава популаризација на спортот и треба да заживее.
Маја Милошевска од Скопје е една од ретките девојки која се натпреварува успешно во овој, условно „машки спорт“. Ја продолжува традицијата во семејството и многумина навиваат за неа.
– Долги години сум учесник во автонатпреварите. Мојот татко и чичко уште во поранешна Југославија возеле на авто-трките, па јас ја продолжувам, се надевам, успешно, семејната традиција. И брат ми учествува на натпреварот. За прв пат возиме во шампионат за авто-слалом, вели Милошевска.
Јоргос Василопулос од Грција, еден од натпреварувачите рече дека со авто-трките се занимава 15 години, но првпат учествува во Прилеп, што значи ова му е прва трка во Македонија. – Организацијата е одлична. Очекувам многу публика и убаво да си поминеме. Сум се занимавал со мото-трки, со картинг, со „Формула 3“, во што сум првак во Грција, посочи Василопулос.
Во оваа слалом авто-дисциплина прво се одржаа натпреварите во Струмица, денеска се во Прилеп, а на 25 ноември се заокружуваат во Скопје и за првпат најдобрите ќе се најдат на државното првенство на Македонија.