На патеката „Смолево“ крај Битола вчера се одржа третиот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2013. Трките имаа меѓународен карактер со учество на натпреварувачи од Црна Гора, Србија, Грција и Албанија.
Во најмалата класа МХ65 по неизвесна борба во двете возења победи Антониос Сагмалис од Грција, пред Лука Ристевски од Македонија и Миодраг Станојевиќ од Србија.
Виктор Ивановиќ од Црна Гора победи во другата јуниорска класа МХ85, пред Македонците Андријан Ристевски и Христиан Станковиќ.
Во класата МХ2 по двете возење најбрз беше Никола Гулевски од Македонија, втрото место му припадна на Михаил Бајовски (Македонија), трет беше Младен Станојевиќ (Србија).
Во најсилната класа МХ1 очекувано уште една убедлива победа однесе најдобриот македонски претставник Гоце Томовски (МК Гого) кој во квалификациите го извозе и најбрзиот круг на денот 1:52,517.
Второто место го освои гостинот од Албанија, Петрит Ѓерѓи, а трет беше неговиот сонародник Серди Гјатоли.
Возбудлива трка се возеше и во класата МХ3. Најдобар беше Мирче Ќорнаков (Македонија), пред Борче Костов (Македонија) и Акис Теодорос (Грција).