Одбојкарите на домашен терен во третото Европско првенство, почнуваат против Данска

Од:

Македонската машка одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со првиот натпревар против Данска го почнува настапот на 33. Европско првенство на кое прв пат во историјата е во улога на домаќин.

На своето трето учество на европските првенства македонските одбојкари влегуваат со амбиција да ја искористат предноста од домашниот терен и за прв пат да обезбедат пласман во осминафиналето. За тоа ќе биде потребно да бидат меѓу четирите најдобро пласирани репрезентации во групата Ц во конкуренција и на Холандија, Полска, Чешка и Црна Гора.

Репрезентациите од групата Ц, во Скопје, во нокаут фазата ќе се вкрстат со селекциите од групата А во која во Перуџа играат Италија, Естонија, Германија, Србија, Швајцарија и Белгија.

Групата Б во Варна ја сочинуваат Бугарија, Украина, Словенија, Финска, Хрватска и Шпанија, додека Тел Авив е домаќин на групата Д во која се Израел, Франција, Португалија, Романија, Турција и Грција.

По денешниот воведен натпревар против Данска, избраниците на селекторот Јошко Миленковски претстојниот викенд ги очекуваат дуелите против Црна Гора (в сабота) и Полска (в недела), по што ќе играат против Холандија на 5 септември и ден подоцна против Чешка во завршното коло од групната фаза.

Доколку ја минат групната фаза македонските одбојкари натпреварите од нокаут фазата ќе ги играат во Бари, додека полуфиналните дуели и пресметките за медали ќе се играат на 14 и 16 септември во Рим.

Би можело да ве интересира

Македонските одбојкари подготвени за утрешниот старт на ЕП во Скопје