Колку Лигата на нации е специфично натпреварување и колку може да значи за оние репрезентации кои не се ни блиску до пласман на големо натпреварување, можеби најдобро покажува тоа што најслабопласираната селекција на ранг-листата на ФИФА, Сан Марино го совлада Лихтенштајн на гостински терен со 3:1 и се пласираше во Ц дивизијата од Лигата на нации како победник од групата во Д дивизијата.
Ова е само трета победа за Сан Марино во историјата, а сите три беа остварени над Лихтенштајн. Првите два од по 1:0 на домашен терен.
Само историскиот пробив во дивизијата Ц не е сè што Сан Марино успеа да го направи со тој триумф, бидејќи овој речиси целосно аматерски тим е на само два натпревари од квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Имено, четири најдобри победници во групите од Лигата на нации, кои својата квалификациска група за СП не ја завршуваат на едно од првите две места, одат во баражот за пласман на Светското првенство.
Доколку во квалификациите за СП првите две позиции во групите ги заземат репрезентациите од првиот и вториот шешир (очекувано), места во плејофот би добиле С. Македонија, Северна Ирска, Молдавија и Сан Марино.
Затоа, доколку нема изненадувања во квалификациите, може да дојде до апсурдна ситуација Сан Марино да игра бараж за одење на Мундијалот.
Секако, и тогаш би било „научна фантастика“ доколку овој тим победи на два меча во плеј-офот и оди на СП, но кој може да им ја одземе надежта?