Ракометарките на Вардар Јуниор победија во дуелот против украинската екипа Карпати во првиот меч од четвртфиналето на ЕХФ Челинџ купот.
На средбата одиграна попладнево во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, вардаровите јуниорки забележаа победа со 22:19 полувреме 13:12.
Најефикасна во редовите на Вардар Јуниор беше Наташа Нолевска со осум гола, по три постигнаа Симона Стојановска и Маја Трпковска.
Реванш натпреварот ќе се игра во Ужхоро на 28 февруари (недела) со почеток од 17 часот.
Победникот од двомечот во полуфиналето ќе игра против екипата на Кастамону од Турција, која во двата четвртфинални натпревари против холанската екипа Вирто славеше две победи 27:23 и 25:23.