Министерството за спорт упати честитки до ракометарите, стручниот штаб и раководството на ГРК Охрид за историскиот успех и освојувањето на титулата во Европскиот куп на ЕХФ.
– Овој триумф претставува голем успех за македонскиот ракомет и огромна гордост за македонскиот спорт. ГРК Охрид стана вториот македонски клуб кој успеал да го освои Европскиот куп, по успехот на РК Алкалоид минатата сезона, а воедно и четвртиот македонски ракометен клуб што се закитил со европска титула, покрај освојувачите на Лигата на шампионите – РК Кометал Ѓорче Петров и РК Вардар – стои во честитката од Министерството за спорт.
Оттаму нагласуваат дека овој успех е резултат на посветена работа, професионализам, визија и истрајност и потврда дека македонскиот ракомет продолжува да биде препознатлив и конкурентен на европската сцена.
– Оваа европска титула нека биде поттик за нови достигнувања и уште поголеми успеси на македонскиот ракомет – дополнуваат оттаму.
ГРК Охрид вчера испиша нова блескава страница во историјата на македонскиот ракомет, совладувајќи ја екипата на Татабања во финалето и освојувајќи го европскиот трофеј.
