Фудбалерите на Манчестер Јунајтед остварија значајна победа со резултат од 2:0 над градскиот ривал Манчестер Сити на „Олд Трафорд“ во натпреварот од 22-то коло од англиската Премиер лига.
Брајан Мбеумо во 65-тата минута, а Патрик Доргу во 76-тата минута беа стрелците за победа. Јунајтед сега скокна на четвртото место и има 35 бода, осум помалку од второпласираниот Сити.
Тоа беше деби на Мајкл Карик на клупата на Јунајтед во улога на привремен тренер. Соодносот на силите на теренот беше очекуван.
Манчестер Сити доминираше во поседот на топката, додека Јунајтед ја бараше својата можност од транзициските напади.
Тимот на Гвардиола го започна натпреварот со одбрана со просечна возраст од 23 години, која заедно со Натан Аке (30) ја сочинуваа Макс Алејн (20), Абдукодир Хусанов (21) и Рико Луис (21).
Во првото полувреме, Сити ги спаси од пораз голманот Џанлуиџи Донарума, кој го спречи обидот на Патрик Доргу, додека ударот на Хари Магваер заврши во пречката. Иако Донарума ги одбрани ударите на Касемиро и Мбеумо од непосредна близина на почетокот на второто полувреме, Јунајтед поведе во 65-тата минута.
Бруно Фернандеш изведе контранапад и му асистираше на Мбеумо, кој упати прецизен удар во спротивниот агол за водство. Победата на домашниот тим беше потврдена во 76-тата минута. Матеус Куња ја уфрли топката во шеснаесетникот од десната страна, каде Патрик Доргу непречено ги постави конечните 2:0.
Со оваа победа, Карик успешно го започна својот мандат како привремен тренер на Јунајтед.
Од друга страна, Манчестер Сити е без победа во последните четири лигашки натпревари, што им ги намали шансите за освојување на титулата.
Повредените Јошко Гвардиол, Рубен Дијаш и Џон Стоунс не играа за Сити на овој натпревар, а напаѓачот Ерлинг Халанд, стрелец на 20 гола оваа сезона во Премиер лигата, беше заменет пред крајот на натпреварот, без позначаен ефект.