Женска кошаркарска репрезентација на Македонија од вчера е во Самоков, каде веќе го одигра првиот од двата пријателски дуели со домаќинот Бугарија. Избраничките на Горан Јовановиќ одиграа добар меч, но загубија во дуелот со фаворитот со 79:67. Ова за Македонија беше петтата од шесте планирани средби во рамки на подготовките за квалификациите за Евробаскетот 2015 година.
Синоќа во Самоков се играше изедначено прво полувреме, но пред паузата Бугарките се одлепија и за прв пат поведоа со двоцифрена разлика. Во неколку наврати нашата репрезентација успеа сериозно да се доближи во второто полувреме, сепак немаше сили за комплетен пресврт, па со нова добра завршница, Бугарија стигна до победата.
Ешли Парис со 23 поени и дури 19 скокови беше најефикасна на натпреварот во нашиот состав, додека одличен натпревар одигра и Криси Гивенс, завршувајќи го со 18 поени, 9 скокови, 6 асистенции и 6 украдени топки. Анжелика Митрашиновиќ додаде 12 поени со 4 асистенции и 3 скокови, додека 9 поени постигна Александра Стојановска.
– Задоволен сум од тоа како го одигравме овој натпревар без разлика на поразот. Успеавме рамноправно да се носиме во најголемиот дел со фаворизираната Бугарија. Игравме дисциплинирано и цврсто, се уште пробуваме различни варијанти, пред се во напад и девојките испочитуваа се што се договориме. Верувам дека денеска ќе се прикажеме во уште подобро светло, затоа што ова е нашиот последен подготвителен натпревар пред почетокот на квалификациите, изјави селекторот Јовановиќ.
Денешниот натпревар кој повторно ќе се игра во Самоков е закажан за 14 часот по македонско време.
По одигрувањето на оваа средба, нашата репрезентација се враќа во Кавадарци каде ќе ја одработи последната фаза од подготовките пред почетокот на Квалификациите на 8 јуни.