Македонската женска кошаркарска репрезентација со победа над Португалија ги започна претквалификациите за Европското првенство во 2015 година.
На натпреварот од 1. коло во групата Б, чиј домаќин е израелскиот град Рамла, македонските кошараркарки ја совладаа Португалија со 60:56, по четвртини 17:16, 14:9, 13:8 и 16:23.
Предводник во победата на нашата репрезентација беше Славица Димовска која покрај 19 постигнати поени, имаше и по три скокови и асистенции.
Моника Гавриловска средбата ја заврши со „дабл-дабл“ учинок од 14 поени и 13 скокови, а Елена Раденковиќ придодаде 12 поени и 9 скокови.
Во првиот натпревар од оваа група домаќинот Израел ја совлада Германија со 68:57.
Утре во рамките од второто коло македонските кошаркарки ќе играат против домаќинот Израел во терминот од 19 часот и 45 минути.