Македонската фудбалска репрезентација утревечер со почеток од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје го игра завршниот, шести меч од групната фаза во Лигата Б од Лигата на нациите, каде противник ќе биде селекцијата на Словенија.
На официјалната прес-конференција, селекторот Гоце Седлоски потврди дека атмосферата во тимот е на завидно ниво и дека фудбалерите се во добра здравствена состојба, а единствена дилема останува настапот на Димитар Митровски.
Истакнувајќи го борбениот дух што тимот го демонстрираше на претходното гостување во Глазгов, Седлоски нагласи дека сега е момент за похрабар пристап.
„Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по 2-3 шанси – треба да ги искористите. Словенија е компактна селекција и излегува моќно од дефанзива, но верувам дека со карактер можеме да дојдеме до трите бода. За составот ќе одлучам после официјалниот тренинг“, порача Седлоски.
Словенија во првиот меѓусебен натпревар славеше со 2:0.
Од доаѓањето на Седлоски на селекторското место, Македонија запиша седум порази и две нерешени средби, со 20 примени и само 1 постигнат погодок.
