Македонскиот женски ракометен првак Вардар го очекува двомеч со унгарски Ѓер кој ја брани титулата во Лигата на шампионите. Голманот на Вардар Амандин Лејно посакува победа на саботниот натпревар во Скопје и предност со која ќе може да се надеваат на успех во реваншот.
– Сакаме да победиме, тоа може да се забележи и на тренинзите, гледам дека девојките се фокусирани на победа овој викенд. Ѓер лани беше посилен отколку сега, меѓутоа и понатаму игра добро, имаат одличен систем на работа и ако не се добри не би биле овде каде што се, вели Амандин Лејно.
Таа смета дека првиот натпревар, кој ќе се одигра во сабота во 19 часот ќе биде шансата за Вардар, затоа што Ѓер на свој терен игра многу подобро. Иако им недостасуваат неколку клучни ракометарки од минатата сезона, Унгарките се уште имаат адути кои се многу опасни.
– Најтешко ќе ни биде да играме таму затоа што во Ѓер животот е ракомет и кога играат дома тие се многу добри. Затоа мора да ја завршиме работата тука, да си помогнеме, па во Ѓер да заминеме со предност и со чисти глави. Што се однесува до ракометарките, мислам дека најопасна е Германката која шутира со лева рака, Сузан Милер и секако, пивотот Локе. Tаа е најдобра на светот, aко не постигне гол сигурно предизвикува пенал или исклучување и затоа ќе биде голема задача за целиот тим, се надевам ќе ја затвориме, истакна Лејно.