Тренерот на шпанскиот фудбалски прволигаш Барселона, Роналд Куман, во интервју објавено изминатиот викенд на холандска телевизија изјави дека клубот благодарение на него има иднина.
Куман посочи дека клубот има плејада млади играчи, кои во годините што доаѓаат ќе го понесат главниот товар во играта.
– Не е во прашање само Педри. Има уште четворица или петмина фудбалери на возраст од 18 и 19 години, кои ќе бидат фантастични играчи на овој клуб за три до четири години, изјави Куман.
Холандскиот стратег во интервјуто се осврна и на односите со претседателот на Барселона, Хуан Лапорта, оставајќи простор од одговорите да се насети незадоволство од однесувањето на првиот човек на клубот., особено поради медиумските настапи во кои Лапорта говори за можно продолжување на договорот, доколку Куман задоволи одреди услови поврзани со напредокот на екипата.
Куман, исто така, посочи дека ќе бидат потребни две години за Барселона повторно да може финансиски да се натпреварува на трансфер пазарот со клубови како Манчестер сити и Челзи.