Екс фудбалерот на Ливерпул и Арсенал – Џермејн Пенант (43), призна дека стравуваше оти лекарите ќе мора да му ја ампутираат ногата откако минатата недела беше нападнат од куче.
Пенант откри дека беа потребни повеќе од 50 конци откако беше нападнат од германски овчар додека беше на прошетка.
Поранешниот крилен напаѓач на Ливерпул и Арсенал го шеташе своето куче Кинг кога ги нападна германскиот овчар.
Тој објасни дека се обиде да го заштити Кинг, но другото куче потоа се сврте кон него и почна да му ја гризе ногата.
Поради повредите, Пенант заврши во болница.
За време на нападот тој падна на земја и не можеше да стане. Сега тој откри што му поминуваше низ глава за време и по инцидентот.
„Го тргнав Кинг настрана, а во следниот момент – ногата…“ – почна Пенант во емисијата „Хоксби и Џејкобс“ на „talkSPORT“.
„Одеднаш почувствував неверојатен притисок на ногата, поради што на крајот паднав на земја. Се чинеше дека трае цела вечност. Викав: ’Ногата! Ногата!‘“
„Кинг во тој момент не знаеше што се случува, но потоа сфати и скокна да ме брани. Тогаш германскиот овчар ме пушти, бидејќи Кинг се вмеша и се обидуваше да го тргне од мене. Да не беше Кинг, тоа куче веројатно ќе продолжеше да ми ја гризе ногата како да е некаква играчка. Сè се случи толку брзо“, рече Пенант.
Потоа тој објасни што се случи по нападот и откри дека мораше да земе такси за да стигне до болницата.
„Морав да чекам 12 часа за брза помош, па морав да повикам ’Убер‘ за да ме однесе во ургентниот центар“, објасни 43-годишникот.
„Додека лежев на земја, ѝ се јавив на партнерката. Бев дезориентиран, не можев ни да ѝ објаснам каде се наоѓам, но таа некако успеа да ја лоцира мојата позиција и ми повика ’Убер‘, додека и самата се упати кон мене. Таа ми помогна да влезам во возилото. Бев среде ништо, помеѓу гробишта и терен за голф, па морав некако да стигнам до патот, каде што се качив во ’Убер‘ кој ме однесе директно во ургентниот центар. Се плашев дека ќе ја изгубам ногата. Знаев дека повредата е сериозна, но не можев да ја видам бидејќи панталоните ми беа залепени за раната. Само си помислив: ’Ова не е добро‘. Прво се запрашав дали Кинг е добро, а потоа сфатив дека морам што поскоро да стигнам во ургентниот центар. Кога пристигнав, веднаш ми дадоа вакцина против тетанус и сите потребни антибиотици. Утре имам преглед кај пластичен хирург бидејќи на едно место ми недостасува голем дел од кожата. Раната изгледа како кратер и не може да се сошие, бидејќи нема доволно кожа за спојување. Лекарите ќе проверат дали раната може сама да заздрави. Ако не може, ќе мора да направат трансплантација на кожа“, објасни Пенант.
По нападот, поранешниот англиски фудбалер го изведе кучето на прошетка неколку пати и се надева дека овој инцидент нема да остави сериозни последици врз неговиот живот.
„Се надевам дека нема да има трајни последици. Ќе ми остане лузна, а ако се наложи трансплантација на кожа, таа ќе биде видлива до крајот на мојот живот. А и тетоважата ми е уништена! Сепак, можам да одам, што е добра вест, и немам никакви болки“, заклучи Пенант.
Пенант е поранешен англиски фудбалер кој во текот на својата кариера настапувал за Арсенал, Ливерпул, Бирмингем Сити, Лидс Јунајтед, Портсмут и Стоук Сити.
Ја заврши својата професионална кариера во 2018 година, на 35-годишна возраст, по 17 години играње.
Забележа 231 настап во Премиер лигата.
