Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ги почна подготовките за претстојните квалификации за Европското првенство 2015 година.
Нашата репрезентација е во групата Б со селекциите на Велика Британија, Литванија и Белгија, а во првиот дел од подготовките ќе тренира во салата „Градски парк“ во Скопје.
На денешната прес конференција селекторот Горан Јовановиќ истакна дека лани на квалификациите во Израел имавме најмлада селекција, сега просекот е уште помал (19 години).
– Но повторно имаме иста идеја, да напреднеме сите заедно, да бидеме уште подобри и на некој начин да ги воведеме овие млади кошаркарки во еден континуитет на сериозни елитни натпреварувања. Групата е навистина тешка, трите наши противници се со докажан квалитет и се меѓу најдобрите селекции во Европа со редовни настапи на големите натпреварувања, рече Јовановиќ.
Репрезентацијата во Скопје ќе тренира до 16 мај, кога ќе замине за Крањска Гора каде ќе одигра и два натпревара со Португалија. Потоа кошаркарките ќе бидат во Кавадарци, каде Македонија и ќе биде домаќин на натпреварите. Во салата „Јасмин“ во Кавадарци на 30-ти и на 31 мај ќе бидат одиграни два натпревара со Романија, а последната фаза е предвидена за Самоков, Бугарија каде репрезентативките ќе одиграат уште два натпревара со домаќинот.
За претстојните натпревари стручниот штаб нема да може да смета на Моника Гаврилоска, Ана Тантуровска и Славица Димовска.
Македонија во првото коло од квалификациите на 8 јуни гостува кај Литванија, потоа на 11 јуни дома во Кавадарци игра против Велика Британија. Во 3.коло на 15 јуни кошаркарките ќе гостуваат кај Белгија, а потоа следи домашниот натпревар со Литванија на 18 јуни. Последното гостување е кај Велика Британија на 22 јуни, а во последното коло Македонија е домаќин на Белгија на 25 јуни.