Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри денеска изјави дека играчите се блиску до одлука за штрајк поради зголемениот број на натпревари, пренесоа британските медиуми.
– Можам да кажам дека 60 или 70 натпревари не се оптимални за играч во една сезона. Еден фудбалер може да одигра помеѓу 40 и 50 натпревари на највисоко ниво. Оваа година можеби ќе одиграме вкупно 70 или 80 натпревари во сите натпреварувања. Премногу е – изјави Родри на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот со Интер во првото коло од Лигата на шампионите.
Тој го критикуваше големиот број на натпревари, што го предвидува новиот формат на Лигата на шампионите.
– Ако прашате кој било играч, ќе ви го каже истото. Тоа е општо мислење на играчите, не е само мое мислење. Ако вака продолжи, нема да имаме друг избор. Страдаме – додаде Родри за можноста за штрајк.
Фудбалерот на Манчестер Сити истакна дека некој мора да се грижи и за здравјето на играчите.
– Не е се во пари или маркетинг. Има нешто и во квалитетот на шоуто. Играм подобро кога не сум уморен. Мора да се грижиме за себе… Ако луѓето сакаат да гледаат подобар фудбал, мора да се одмориме. Со други зборови, ако се зголеми бројот на натпревари, се намалува нивото и квалитетот – истакна Родри.
Фудбалерите на Манчестер Сити утре од 21 часот го пречекуваат тимот на Интер во првото коло од Лигата на шампионите.