Холандската полиција незадоволна од платите планира да протестира на 4-ти и 5-ти јули, односно во деновите кога во Холандија (Утрехт и Ротердам) ќе започне најпрестижната велосипедска трка во светот „Тур д’Франс“.
Како што соопшти синдикатот на холандската полиција, на 4-ти јули во Утрехт, непосредно пред стартот на трката, полицајците ќе имаат протесно возење на велосипеди, а ден подоцна во Ротердам накратко ќе ја стопираат трката.
„Полицискиот синдикат, во недела на 5-ти јули, ќе протестира на мостот Еразмус во Ротердам, со цел да избори пристоен колективен договор“, соопшти синдикатот.
Холандската полиција, меѓу другото, бара зголемување на платите за 3,3 отсто и поголеми примања за прекувремената работа.
Годинешниот „Тур д’Франс“ ќе стартува со етапите во Холандија на 4-ти и 5-ти јули, а ќе заврши на 26-ти јули во Париз.