По осум и пол години поминати на клупата на аргентинскиот великан, Ривер Плата, тренерот Марсело Гаљардо објави дека го напушта клубот од „Монументал“.
Неговиот договор истекува во декември и на прес-конференцијата, на три кола пред крајот на првенството, најави дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната.
Гаљардо постигна одлични резултати. Двапати го освои Копа Либертадорес, еднаш Копа Судамерикана, три пати Рекопа Судамерикана и три пати Купот на Аргентина. Успеа да ја освои титулата шампион на Аргентина во 2021 година, единствениот трофеј што му недостасуваше.
Гаљардо се надеваше дека во последната сезона ќе може да донесе уште еден трофеј на „Монументал“, но по неколку непланирани порази Бока Јуниорс има далеку повеќе шанси во шампионатот.
Гаљардо во последниве години постојано се поврзуваше со клубови од Европа. Прашање е дали сега е вистинското време да пристигне на „стариот континент“.
Извор: Топспорт