Роџер Федерер, легендарниот швајцарски тенисер со 20 гренд слем титули, ги издвои петте најголеми тенисери на сите времиња.
Низ историјата, тенисот имал многу ѕвезди, од Борис Бекер, Џон Мекинро и Бјорн Борг до Пит Сампрас и Андре Агаси, а долги години доминираа Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.
Во сегашната генерација, се издвојуваат Карлос Алкараз и Јаник Синер.
Многумина беа изненадени од првиот избор на Федерер. Тој го издвои Швеѓанецот Стефан Едберг, поранешниот тенисер број еден во светот и шесткратен освојувач на гренд слем.
По него на листата се најде Бекер.
„За мене беше важно да имам свои модели на углед, луѓе што сакав да ги следам и чии постери ги имав на мојот ѕид дома“, изјави Федерер за „Тенис Газет“.
„За мене тоа беше Стефан Едберг, Швеѓанецот. Секогаш одеше кон мрежата, играше елегантно и беше најкул. По него Борис Бекер. Често играа еден против друг и јас секогаш ги гледав“ – додаде Федерер.
Во продолжение, тој се осврна на ерата во која самиот беше дел од најголемите соперништва со Надал и Ѓоковиќ.
Тројцата ја сочинуваа таканаречената голема тројка на тенисот. Ѓоковиќ моментално е рекордер со 24 гренд слем титули, Надал има 22, а Федерер 20. И покрај жестоките дуели, меѓу нив постои големо меѓусебно почитување.
Следниот избор на Федерер беше Пит Сампрас, а по него, како што се очекуваше, Надал и Ѓоковиќ.
„Пит Сампрас беше следен, а потоа, секако, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ“, рече Федерер.
Низ целата своја кариера, Федерер беше познат по својата грациозност и мека игра, а самиот припаѓа на најтесниот круг на најголемите тенисери во историјата.